За нас

Во Центарот за јога Дармакаја се практикува интегрална јога – холистички пристап кој ги обединува елементите на различни традиционални видови јога, со цел да ги поттикне и развие потенцијалите на човекот.

Нашата практика е прилагодена на потребите и динамиката на современиот човек, без притоа да се изгубат суштината и духот на јогата како древна дисциплина, постара од 5000 години.

Преку поврзувањето на телото, умот и свеста, јогата ја доживуваме како пат кон поголема присутност, внатрешна рамнотежа и подобро разбирање на себеси.

Љупка Милева

Љупка Милева е основач на Центарот за јога Дармакаја, дипломиран психолог и наставник по јога, со долгогодишно искуство во практикувањето и пренесувањето на јогиското знаење.

Нејзиниот пат со јогата започнува во 2003 година во Јога-сојузот на Македонија, каде што се стекнува со едукација за наставник по јога под менторство на Стеван Милиќ.
Во текот на својата долгогодишна практика, континуирано го продлабочува своето знаење и искуство, одржувајќи часови по јога за почетници и редовни практиканти, како и предавања и работилници посветени на различни филозофски и практични аспекти на јогата.

Нејзиниот пристап кон јогата е целовит и насочен кон човекот како единство на тело, ум и свест. Преку внимателно осмислени практики, Љупка ги поттикнува практикантите да развиваат поголема свесност за себе, подобра концентрација, внатрешна смиреност и поквалитетен однос кон сопственото тело и секојдневниот живот.

Во својата работа ги поврзува психолошкото знаење и традиционалната јогиска практика, создавајќи простор во кој јогата е не е само физичко вежбање, туку пат кон подобро разбирање и запознавање на себеси.

Дармакаја

Празнина. Безусловна состојба од која потекнуваат сите манифестации во универзумот

Центар за јога Дармакаја

Во Центарот за јога Дармакаја практикуваме психофизички техники – асани, техники на дишење - пранајама, концентрација - дарана, медитација - дијана и техники на јогиска релаксација. Нивната взаемна комбинација овозможува продлабочување на состојбата на телесна и ментална опуштеност, подобрување на подвижноста и еластичноста на телото, регулирање на сонот и апетитот, енергетска урамнотеженост, превенирање на заболувања, зајакнување на имунитетот и подобрување на општата здравствена состојба, како и постигнување поголема ментална стабилност и фокус за подобро функционирање во секојдневието.

Часовите се одржуваат во пријатна и поддржувачка атмосфера, во која секој практикант е поттикнат да воспостави посвесен однос со своето тело и ум. Проследени се и со куси појаснувања на одредени филозофски аспекти на јогата, со насоки за нивно практикување во секојдневието и унапредување на квалитетот на животот. Притоа, водството не се сведува само на следење на движењата, туку претставува поддршка во процесот на истражување и среќавање со себе.

Со цел надградување на знаењето и интегрирање на стекнатите искуства на нашите членови, редовно одржуваме предавања и работилници. Јогата ја прилагодуваме и конципираме во програми соодветни на различни групи и потреби, како и на индивидуалните можности на секој практикант.

Часовите ги одржуваме во сала, онлајн и во природа, во утрински и попладневни групи, за почетници и редовни практиканти. Достапни се снимени онлајн програми за почетно и средно ниво, тематски програми, како Хата јога и Јога нидра, како и часови кои тековно се снимаат и им се достапни на редовните членови.

Сантоша

Внатрешнo задоволство

Преку практичниот и теоретскиот аспект на часовите, се запознаваме со различни традиционални јогиски техники и учења, обединети во целина која го поврзува древното знаење со потребите на денешниот човек.

Нашата цел е да го зачуваме и автентично да го пренесеме знаењето на традиционалната јога, прилагодувајќи го на потребите и ритамот на современиот човек.

Во Дармакаја создаваме поддржувачка и пријатна средина во која секој може да го започне или продлабочи своето јога-патување, без оглед на возраста, претходното искуство или физичката подготвеност.

Нашата цел е практикантите да не го напуштаат часот само со подобро чувство во телото, туку и со повеќе јасност, смиреност и свесност – квалитети кои можат да ги понесат со себе и во секојдневниот живот.